Власта да не избрзува со предизборното ветување за разрешување на актуелниот состав на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, порачува дел од експертската јавност. Според професорот Владо Камбовски, ваквиот предлог не е во согласност со препораките на т.н. Оценска мисија на европски експерти кои даваа предлози како да се подобри работата на Судскиот совет.
„Доста е комплексно тоа прашање – разрешување во целина на Судскиот совет, затоа што не е едноставно… бидејќи ако го разрешите Судскиот совет со закон, големо прашање е дали така може уставни тела да бидат разрешувани со обични закони“, вели Владо Камбовски.
Од Блупринт групата за реформи во правосудството повикаа политичките партии и извршната власт да не даваат решенија со кои може да се поткопа независноста на судските тела, како што е во случајот со најавата за разрешување на целиот состав на Судскиот совет.
„Било какви чекори во однос на истото би претставувале опасен преседан, зашто секогаш кога би се менувала власта би можело да се менуваат законите, а така се доведува реално и во опасност независноста и непристрасноста на правосудните органи.“, велат Блупринт групата.
„Очигледно е дека нешто не чини ситуацијата во тие совети. Дали се тие решенија добри треба дополнително да се размисли и да се разговара со правната фела и да се донесат паметни заклучоци.“, додава Александар Тумановски.
Судбината на Судскиот совет беше повод за вербална преписка меѓу екс-министерот за правда Кренар Лога и актуелниот премиер Христијан Мицкоски. Мицкоски изјави дека ова ветување од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ има намера да го реализира, бидејќи е дел од борбата против криминалот и ќе резултира со зголемување на довербата во правосудството. Лога пак, предложи нов Закон за судски совет. Во него се вградени препораките од експертите што Европската Унија ги испрати во земјава. Со нив се предлага членовите во Советот да се бираат во Собранието исто како и членовите на Антикорупциската комисија. Исто така, во иднина членовите на Советот би биле предлози на Адвокатската комора и професорите по право, а се менуваат и одредбите за потребното искуство во струката.
