Камери против дивите депонии и вандализмот – Град Скопје планира надзор на повеќе од 200 локации

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оштетени клупи, исцртани паркови и нови диви депонии се дел од проблемите со кои се соочува Скопје, а за нивно спречување Градот планира да постави повеќе од 200 надзорни камери. Камерите ќе бидат поставени на критични локации, а реализацијата на проектот треба да започне по добивањето конечно одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска изјави дека со надзорот ќе бидат опфатени местата каде што често се создаваат диви депонии, како и парковите во кои се забележуваат случаи на вандализам.

Како пример го посочи Градскиот парк и фонтаната „Лотос“, која беше обновена, но клупите во нејзина близина повторно биле исцртани со графити. Според Ѓорѓиевски, урбаната опрема повеќепати била бојадисувана од екипите на градските јавни претпријатија, но оштетувањата продолжиле.

Тој порача дека за зачувување на јавниот простор не се доволни само мерките и контролите, туку е потребна и поголема одговорност од граѓаните.

„Град Скопје не е на Орце, ниту на некоја политичка партија. Градот е на сите скопјани и, како што си го чуваме својот дом, така треба да си го чуваме и градот“, истакна градоначалникот.

Ѓорѓиевски посочи дека парите што се трошат за поправка на оштетената опрема и санирање на последиците од несовесното однесување можат да се насочат кон нови проекти, вклучително и изградба на паркови.

Во Бутел, како што информираше, во завршна фаза е изградбата на парк со површина од 86.000 квадратни метри, на место каде што претходно имало дива депонија. Најавен е и парк во Карпош со површина од над 70.000 квадратни метри, како и уредување простор во Аеродром од речиси 100.000 квадратни метри, кој треба да биде ставен во функција до крајот на наредната година.

Градоначалникот се осврна и на депонијата „Вардариште“, која зафаќа површина поголема од 600.000 квадратни метри. Тој рече дека една фаза од работите е завршена, а следува деконтаминација на земјиштето со поддршка од Владата.

Ѓорѓиевски очекува напролет да започне постапката за уредување на просторот, со цел „Вардариште“ да се трансформира во голем парк за скопјани.