По навршувањето на 45 години, професионалните војници ќе добијат можност да продолжат со работа во Армијата, без да мора да го прекинат работниот ангажман. Владата усвои ново решение со кое ќе можат да го трансформираат работниот однос од определено на неопределено време и да продолжат да работат како цивилни лица во армискиот систем.
Одлуката ја соопшти министерот за одбрана Владо Мисајловски на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната. Според Мисајловски, решението е усогласено со Армијата и професионалните војници и претставува реформа со која се обезбедува поголема сигурност за нивната иднина.
„Решението значи дека војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45. година. Остануваат сите опции – отпремнина, трансфер во институциите, но со оваа реформа правиме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата“, изјави Мисајловски.
Министерот појасни дека новото решение не е дел од Колективниот договор, за кој преговорите продолжуваат, туку претставува посебна можност за регулирање на статусот на професионалните војници по достигнувањето на возрасната граница.
Началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, истакна дека ова прашање со години претставувало предизвик за професионалните војници, додавајќи дека се провлекува повеќе од 15 години.
Со новиот модел ќе се регулира и обезбедувањето на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата. Овие задачи ќе ги извршуваат единиците во кои ќе бидат распоредени војниците што ќе изберат да го трансформираат работниот однос и да продолжат со работа како цивилни лица.
Лафчиски оцени дека професионалните војници имаат соодветно искуство и познавање на армискиот систем за извршување на овие задачи.
Според најавите, месечните примања, вклучително и сите додатоци на плата, ќе останат исти, а пензионирањето ќе се одвива според постојните правила и колективните договори во Армијата.
Проценките на Министерството за одбрана се дека од следната година околу 100 професионални војници ќе ја искористат оваа можност и ќе продолжат да работат во Армијата по навршувањето на 45-годишна возраст.
