Предизборната кампањата е се уште во полн ек, но дел од политичките партии почнаа да калкулираат и зборуваат за идна влада со можни постизборни коалиции. Сепак во своите настапи како сите да се дистанцираат од ДУИ и велат дека единствено не сакаат да влегуваат во влада во која коалицира и партијата на Ахмети. Дури и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски рече дека иако во првиот круг на претседателските избори ДУИ освоиле 120 илјади гласови позадоволни треба да бидат од ВРЕДИ кои немаат таква партиска машинерија.
„ДУИ се соочува со свој противник за прв пат после долго време политички од албанскиот блок. Тие се 22 години на власт со инсталиран систем дупло поголем од оној што го имаше Груевски, бидејќи Груевски беше 11 овие се 22 години на власт, за да на крајот на денот завршат, во претседателскиве зборам, Таравари 85 илјади без никаква инфраструктура практично виз-а-ви сто и колку илјади гласови имаше Бујар Османи“, вели Димитар Ковачевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека веќе почнал да преговара со дел од партиите, додека со Таравари рече дека се слушнал и на самиот ден на изборите во кој му посакал успех и идна Влада. Тој веќе и на митинзите влегува со реторика за тоа дека ДУИ заедно со СДСМ одат во опозиција.
„Не може повеќе ДУИ малку со СДСМ малку со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што го направи пред 6 и половина години кога го напушти правилото победник со победник и кога направи влада со тогашните поразени СДСМ сега ќе ги прати заедно со СДСМ во опозиција. ДУИ оди во опозиција. Али Ахмети оди во опозиција после 20 години“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на движењето ЗНАМ Максим Димитриевски вели дека се уште немале разговори со ВМРО-ДПМНЕ, но отворено зборува дека нема да влезе во ниту една можна коалиција со ДУИ.
„ЗНАМ нема да влезе во ниту една можна идна постизборна коалиција во која што ќе партиципира сегашниот и поранешниот владин партнер, а тоа е ДУИ затоа што сметаме дека таа политичка партија се изгради во континуитет на корупција и потребна е сериозна реформа во истата за да може да, едноставно, расчисти со минатото и сето она што го направи лошо во оваа држава“, порача Максим Димитриевски.
Вчера Таравари на својот фејсбук напиша дека сега приоритет е по изборите на 8 мај да добијат што повеќе мандати а потоа во преговорите за идната Влада ќе се водат од националниот интерес на Албанците.
