Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој под знамето на ВЛЕН бара уште еден мандат, информираше дека за првпат по 20 години се подготвува генерален урбанистички план за Тетово. Во рамки на тој план, според него, ќе се изградат три нови базени, шест спортски сали, две нови училишта и веќе е започната изградбата на прочистителна станица за отпадни води.
-Во второто поглавје за Тетово го подготвуваме генералниот урбанистички план, за кој веќе е склучен договор со Институтот ИСИ од Косово, кој започна со изработка на планот и веруваме дека за рекорден период од една година ќе имаме генерален урбанистички план за Тетово, кој го немаме веќе 20 години. Ќе изградиме три нови базени и шест спортски сали, ќе изградиме две нови училишта кои се веќе во изградба. Колекторот за отпадни води исто така е започнат, вели Билал Касами од ВЛЕН.
Кандидатот на НАИ за Тетово, Бајрам Реџепи, обвини дека во моментот со урбанизмот на Тетово не управува општината, туку надворешни компании кои работат во интерес на тесен круг луѓе.
-Сè се прави во интерес на еден тесен круг луѓе кои се вртат околу заминувачкото раководство на општина Тетово. Најважниот проект за Тетово ќе биде Попова Шапка, вториот – образованието и планирањето, а третиот – дигитална, транспарентна и ефикасна администрација, која ќе биде во служба на граѓаните, а не на општинското раководство, вели Бајрам Реџепи од НАИ.
Кандидатите ветија решавање на сообраќајниот хаос преку изградба на нови паркинзи – ветување што беше дадено и порано, но не се реализира – јавен транспорт и дислокација на администрацијата од центарот на градот во објектот на поранешната касарна. Двајцата кандидати ветија и изградба на нов градски стадион во Тетово.
