Додека во јавноста се дебатира кој ќе биде лидер на ВЛЕН, внатре во коалицијата веќе се разговара за нов концепт како ќе се продолжи понатаму. Според Касами, во моментов ВЛЕН има договор кој, како што вели, нема причина да се менува до следните избори, но за наредните парламентарни избори ќе биде потребен нов договор.
„Имаме договор за кој верувам дека немаме причина да го менуваме до следните избори. Но, за следните избори сигурно ќе треба да влеземе со нов концепт. Дали ќе се согласиме тоа да биде истиот концепт или ќе го промениме, тоа ќе зависи од политичкиот моментум кога ќе дојдат изборите“, изјави Биљал Касами од БЕСА/ВЛЕН.
Прашање: Можеме ли, г. Касами, од ова што го зборувавме да заклучиме дека повеќе не станува збор за тоа кој ќе биде лидер на ВЛЕН, туку дали ќе одите заедно на следните избори?
Касами: Станува збор и за тоа какво ќе биде идното лидерство на ВЛЕН. Станува збор и за тоа како ќе се поделат одговорностите во рамки на нов договор за следните парламентарни избори, како и за тоа која ќе биде понудата и програмата со која ќе настапиме. Во овој случај важни се и структурата на лидерството, и форматот на организацијата со која ќе одиме на избори, секако и придонесот на секој во оваа организација.
Конкретно за лидерската позиција, Касами изјави дека би поддржал опција која ќе биде прифатена од сите, но за него поприфатлив е моделот со двајца претседатели, односно копретседатели.
Инаку, од формирањето на коалицијата, сè беше распределено пропорционално меѓу четирите партии – по 25 проценти за секоја, но очигледно за следните избори се бара нов концепт.
