Со разлика од 5.013 гласа, Биљал Касами победи против Бајрам Реџепи во вториот круг од локалните избори во Тетово. Касами ќе го продолжи својот мандат уште четири години, откако мнозинството граѓани на Тетово му ја дадоа поддршката.
„Од утре продолжуваме да работиме и да се жртвуваме за сите граѓани, од Куманово до Струга, да имаат подобар живот. Им гарантирам на граѓаните – не згрешија што го испратија Али во пензија, туку постапија правилно што ги избраа најдобрите градоначалници кои ќе им го подобрат животот“, вели Биљал Касами.
Реџепи преку објава на социјалните мрежи му честита на Касами и ја презеде одговорноста за поразот.
„Драги пријатели, изборната трка во Тетово заврши. Граѓаните ја кажаа својата волја. Му честитам на противкандидатот и му посакувам успешна работа. Одговорноста за овој резултат е целосно моја и на никој друг“, вели Бајрам Реџепи.
Општина Брвеница и во следните четири години ќе ја води кандидатот на ВМРО–ДПМНЕ, Јовица Илиевски.
Неговиот противкандидат Хаќим Рамадани, кој ги загуби изборите, преку социјалните мрежи соопшти дека од денес е невработен и дека ќе бара работа само во приватниот сектор.
Претходно, премиерот Мицкоски најави дека Рамадани ќе биде разрешен и од функцијата директор на Инспекторатот за локална самоуправа.
Во општина Боговиње победи кандидатот на ВЛЕН, Фети Абази.
