Касами го направи првиот чекор за ВЛЕН во една партија – Меџити ги повикува другите партии да го следат примерот на „Беса“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, го направи првиот чекор за да го отвори патот за процесот на обединување на ВЛЕН во еден политички субјект. Доцна синоќа, на седницата на Централното раководство, беше изгласано распуштање на целото раководство на партијата.

„Централниот конгрес на Движењето Беса, со мнозинство гласови, ја одобри одлуката за разрешување на Централната управа на партијата, во континуитет на процесот започнат за обединување на ВЛЕН во еден субјект. Конгресот оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од субјектите што го сочинуваат ВЛЕН“, изјави Биљал Касами, претседател на движење Беса.

Одлуката на Касами беше поздравена и од Изет Меџити, лидер на Демократското движење, кое исто така е дел од коалицијата. Тој апелира другите политички субјекти да го следат примерот на Касами, бидејќи според него, тоа е барање на избирачите и во интерес на политичката организација на Албанците.

-Јас ја поздравувам и цврсто ја поддржувам одлуката. Како што веќе заеднички изјавивме во медиумите, работиме на спојување/фузија, бидејќи тоа е барање на избирачите и на структурата и мислам дека тоа е додадена вредност за политичката организација на Албанците. ВЛЕН како единствен субјект е заедничка цел, и во тој контекст, чекорот што го направи БЕСА и Биљал Касами го поздравувам и се надевам дека наскоро ќе го следат и другите субјекти во рамките на ВЛЕН, изјави Изет Меџити, претседател на Демократско движење.

Идејата за обединувањето на ВЛЕН во една политичка партија беше промовирана уште пред локалните избори. Според лидерите на партиите кои се дел од коалицијата, на масата има неколку отворени опции. Пред неколку денови, претседателот на Алтернатива, Беким Сали, во интервју во Клик Плус најави можност за создавање на унија, коалиција или политичка партија со еден печат и едно одговорно лице, нагласувајќи ја водечката улога на претседателот.