Градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами не ја продолжи соработката со „Социо-културниот простор“. Според Касами, покрај поплаките што ги добиле од петиција потпишана од жителите, вели дека има и сомнежи за порнографски активности.
-Младите на 18 годишна возраст каде всушност се вршат активности кои се или треба да бидат над 18 години. Дел од тие активности се презентирани и во јавноста од самото здружение, но и јас лично имам добиено такви поплаки од родители на деца од основно и средно образование, изјави градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
-Какви активности?
-Порнографски активности, вели Касами.
Со реакција веднаш се јавија од „Социо-културниот простор“. Од таму велат дека тоа што го зборува градоначалникот е клевета.
-Градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами, на денешната прес-конференција, освен што изнесе клевети и погрешен пристап кон заедницата, нашиот простор и младите кои создаваат, го одржуваат и веќе 4 години го посетуваат нашиот простор, денеска без никаков срам нѐ обвини за организирање порнографски активности во нашите простории. Шокирани сме од ваквата длабоко навредлива изјава, особено што доаѓа од општината, храм кој требаше да биде прва помош во подобрување на условите и понудата за граѓаните и младите, изјави Мухамер Мустафа од здружението „Социо-културен простор“.
Инаку, Општина Тетово ги враќа сите објекти кои ѝ припаѓаат и кои немаат никаков договор за нивно користење. Од Здружението „Културен простор“ обвинуваат дека општината без право ги „брка“ од местото во кое се сместени веќе четири години.
