Касами: Имаме разговори со Валбон Лимани и Исен Шабани – Лимани и Шабани демантираат: Остануваме во Алијанса за Албанците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Политичката сцена повторно е проследена со шпекулации за можни политички прекомпонирања и преминување на градоначалници од опозицијата во власта.

Претседателот на ВЛЕН, Биљал Касами, денеска потврди дека се водат разговори со опозициски фигури, најавувајќи и конкретни чекори во наредните денови.

„На политичката сцена воопшто има вакви случувања и движења, особено кај нас, каде што знаеме дека опозицијата е поделена и има незадоволство меѓу голем број опозициски структури. Во таа насока се и разговорите што се водат и верувам дека во наредните денови ќе има и конкретни дејствија.“, порача Биљал Касами.

На прашањето дали станува збор за разговори со Исмет Шабани и Валон Лимани, Касами одговори:

„Има разговори, но нема да ги откривам имињата, бидејќи во наредните денови ќе имаме и конкретни дејствија.“

Демант веднаш стигна од двајцата градоначалници. Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, преку јавно соопштение ги отфрли тврдењата дека води политички разговори.

„Што се однесува до другите прашања, освен колегијалните разговори поврзани со меѓуопштинската соработка, во рамки на Полошкиот Регион или владините програми, во тек нема никакви други разговори или преговори. Јас сум член на Алијансата за Албанците, која останува автономна партија, и не постои никакво случување што би укажувало на разговори или прекомпонирање на политичката сцена.“, вели Валбон Лимани.

Од друга страна, откако беше објавена фотографија на градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани, со началникот на СВР Тетово, Ријат Алити, Шабани реагираше со објава на заедничка фотографија со претседателот на АА, Арбен Таравари, проследена со порака „Продолжуваме“.

Од формирањето на новата Влада досега имаше бројни шпекулации за можни преминувања на пратеници или градоначалници, но засега единствената промена останува случајот со пратеникот Илир Демири, кој го напушти својот политички субјект и продолжи да дејствува како независен пратеник.