Помина повеќе од еден месец од ветувањето на градоначалникот дека ќе излезе на терен за да го види сообраќајниот хаос во Тетово, Биљал Касами денеска си го одржа зборот. Тој заедно со првиот човек на СВР Тетово и директорот на паркинзи излезе да ја види акцијата на МВР „Сејф сити“. Запрашан колку е задоволен од оваа акција, Касами рече дека има подобрувања, но се уште не е на посакуваното ниво.
„Има подобрувања, но не е тоа што сите го сакаме, повторно ќе излеземе заедно да ги видиме раскрсниците и булеварот „Илирија“ каде е најизразен проблем и заедно со вас како медиуми, полицијата, паркинзи да ги освестиме граѓаните за коловозите и тротоарите да бидат слободни“, вели Биљал Касами.

Но, и покрај зголеменото полициско присуство и употребата на Пајак возилото, се чини дека акцијата не ги даде очекуваните резултати. Сè уште имаше возила паркирани на втората лента, на раскрсниците, па дури и на пешачките премини.
Но, градскиот директор на Паркинзи вели дека од почетокот на полициската акција пајак службите кренале помалку автомобили, што бележи намалување за 50%.
Во рок од само три дена, полицијата изрече повеќе од 100 казни. Сепак, и покрај ова, раскрсниците и понатаму се блокирани, додека паралелното паркирање и паркирањето на автобуските постојки и натаму е вообичаена појава.
