Касами против предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ – „Уставните измени можат да се направат и по изборите“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Движењето Беса нема да влезе во предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што рече претседателот на партијата, Биљал Касами, коалицијата со СДСМ била грешка која не сакаат да ја повторат. Според него, Владата се бори само да ги задоволи интересите на клановите на ДУИ.

„Не, ние направивме таква грешка со коалицијата во 2020 година кога бевме во коалиција со СДСМ верувајќи во приоритетите што ни беа заеднички за интеграција на земјата во Европската унија. Но, за жал брзо се уверивме дека едно нешто е пред, а друго по изборите. Продолжија старите навики на Демократската унија за интеграција во интерес на групи и кланови, а тоа се гледа и од последните случувања во политичката партија. Се гледа дека приоритет во државата е да се решат проблемите на овие кланови“, вели Биљал Касами.

Касами на став дека земјата треба да оди на избори, а потоа да дојде и до уставни измени.

„Уставните измени можат да се направат и по изборите, бидејќи тоа е пофер кон граѓаните. Секоја политичка партијата да излезе со конкретна понуда, како го замислува решавањето на проблемот во однос на Бугарија, и како замислува да се забрза евроинтеграцискиот процес. Доколку тоа се бара да се случи пред изборите, ние сме подготвени да седнеме и да разговараме“, додаде Биљал Касами.

Касами вели дека приоритет на Беса ќе биде од Уставот да се отстрани терминот 20% за Албанците, бидејќи, според него, овој метод на бројки е користен само за Евреите за време на Втората светска војна.