Еден од лидерите на ВЛЕН, Билал Касами, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека министерот за правда, Игор Филков, би можел да биде еден од министрите кој ќе биде опфатен со реконструкцијата на Владата.
Коментирајќи го прашањето за барањето на студентите Албанци за полагање на правосуден испит на албански јазик, Касами рече дека министерот Филков, со своите изјави, се обидува да го прикрие својот неуспех во работата со етнички теми.
„Општо познато е, јавно, дека еден од министрите што ќе бидат опфатени во реконструкцијата на Владата ќе биде и министерот за правда. Гледам дека се обидува да ја искористи својата слабост, својот неуспех враќајќи го прашањето на меѓуетнички теми, па за да добие поголеми политички поени од дел од македонската заедница, се обидува да го оправда своето евентуално разрешување со „тука сакав да го заштитам македонскиот јазик“, рече Касами во емисијата „Клик Плус“.
Касами рече дека, како и во многу други случаи, ставот на премиерот Христијан Мицкоски за прашањето за правосудниот испит е многу коректен.
„Значи, во овој случај, оценувам дека премиерот, како и во многу други случаи, е многу коректен, не сакајќи да му даде на дотичниот министер поголема тежина што му припаѓа, или поголем простор што му припаѓа во јавното мислење, за тоа како треба да се решава ова прашање, тој го искажа својот став, кој го имаме и ние како ВЛЕН дека ова прашање треба да се реши со закон и да не се остава во иднина на слободната волја на идниот министер за правда, кој и да е тој“, рече Касами.
