Касами се заканува за уставните измени – „немаме обврска да ги поддржиме доколку 20 отсто не бидат испратени во Собрание“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доколку Владата држи лутина кон Движењето Беса и не ја воведе во процедура замената на 20 отсто со албански јазик, тогаш „Беса“ оценува дека нема обврска да го поддржи предлогот на Владата за уставни измени, се закани лидерот на Движењето Беса, Билал Касами. Тој ја повика Владата да го испрати до Собранието предлогот на неговата партија и на Огнената група за да се вметне отстранувањето на „20 отсто“ како дел од уставните измени.

„Имајќи го предвид фактот дека и за уставните измени, Владата нема гаранција дека обезбедила 80 мандати за да го достават предлогот во собрание, бараме истата влада да има ист пристап и за 20 отсто. Владата да го испрати и нашиот предлог и на неколку други пратеници, во овој случај на Огнената Група, во Собрание. Ние како Движење Беса гарантираме дека тогаш ќе ги поддржиме уставните измени. Доколку Владата држи лутина со Движење Беса и не го воведе во процедура  и 20 отсто, тогаш ние сметаме дека немаме никаква обврска за да го поддржиме предлогот на Владата за уставните измени“, вели Биљал Касами.

Лидерот на Беса вели дека како партија нема да учествуваат во сеопфатна влада за усвојување на уставните измени. Вели дека е убеден дека по изборите ќе бидат победници, со што ќе станат и дел од Владата.

„Движење Беса јасно и гласно кажа дека ќе биде дел од Владата која ќе произлезе од избори каде ние со комбинаториките на широка опозициска коалиција сметаме дека ќе излеземе како победници. Движење Беса нема да биде дел од ниту една калкулација за да влезе во Влада пред изборите“, вели Биљал Касами.

Касами бара предвремени избори како начин за излегување од оваа состојба, а ги обвини албанските партии во власта, ДУИ и АА, дека се  корумпирани партии кои не можат да ги водат напред интеграционите процеси.