Општина Тетово бара долгорочно решение за кучињата скитници и поради тоа ќе отвори и засолниште. Но Касами вели дека состојбата не е толку алармантна бидејќи, според него, договорот со Амос Пет даде резултат и во Тетово веќе нема глутници со кучиња.
„Имавме договор за третирање на над 80 кучиња скитници и гледам некоја блага промена во Тетово бидејќи до пред неколку дена ние имавме глутници со кучиња кои беа и во делот на центар. Моментално немаме толкава голема концентрација на кучиња. Секако дека не сме го решиле проблемот, но продолжуваме во тој правец. Спомнев дека работиме за отворање на засолниште, но тоа е долгорочен проект и не е проект кој може да се реализира за 1 или 2 месеци. Мислам дека за не повеќе од 3 месеци ќе имаме засолниште за кучињата скитници“, вели Биљал Касами.
Податоците на СВР Тетово покажуваат дека до 19 мај годинава во овој град имало 45 пријави за случаи за каснување од кучиња скитници, а во текот на 2022 имало вкупно 59 случаи. Тоа значи дека во 2022 на секој шести ден по еден граѓанин бил каснат од куче скитник, а оваа година досега таа бројка е зголемена двојно. Сега во Тетово на секој трет ден по еден граѓанин е каснат од куче.

Амос Пет имаше договор со општина Тетово за третирање на 82 кучиња скитници, а за едно куче општината платила 300 евра.
