Актуелниот градоначалник на Тетово, Билал Касами, води со 3.756 гласови пред кандидатот на НАИ, Бајрам Реџепи. Иако има разлика, Касами не успеа да победи уште во првиот круг. Тој освои вкупно 19.028 гласови, додека Реџепи доби 15.272 гласови.
Прославата на ВЛЕН започна веднаш откако беа објавени резултатите, на плоштадот во Тетово, каде Касами беше заедно со градоначалниците на другите општини од Полошкиот регион, кои победија во првиот круг или заминаа во втор круг. Во својот говор, Касами изјави дека оние што излегоа со идејата за референдум и предвремени избори, треба да размислат дали ќе продолжат да го бараат тоа.

„Излеговме со најдобрите кандидати што ги имавме – од Липково до Струга – и со најдобрата програма што нуди решенија за проблемите на граѓаните. Нашите противници, без програма и без силни кандидати, излегоа со идејата за референдум, но не освоија ниту една општина и доживеаја неуспех и на советничките листи. Ние сме тука за да гарантираме дека ќе ги решаваме проблемите на граѓаните и ќе понудиме реални решенија, а другата страна нека одлучи дали ќе бара предвремени избори или не“, вели Биљал Касами.
Кандидатот на НАИ, Бајрам Реџепи, преку објава на социјалните мрежи им се заблагодари на гласачите за поддршката и истакна дека борбата за Тетово продолжува.

„Тетово, ви благодарам за чистите и искрени гласови! Му благодарам на секој активист, на секој граѓанин, за нивната несебична работа и дадената доверба. Битката за Тетово продолжува. Со повеќе посветеност, со повеќе сила и со ист идеал – за Тетово со достоинство!“, порача Бајрам Реџепи.
Во општинскиот совет на Тетово, ВЛЕН ќе има 13 советници, потоа следуваат, НАИ со 12, ВМРО-ДПМНЕ – 3, Левица – 1, СДСМ – 1 и Подобро за Тетово 1.

Советот на Општина Тетово брои вкупно 31 член. Во изминатите четири години, коалицијата ВЛЕН со ВМРО ДПМНЕ и Алтернатива имаше 17 советници.
Со новиот состав, коалицијата ВЛЕН–ВМРО обезбедува 16 советници, што е доволно за мнозинство во Советот на Тетово.
