„…Почитувана потпретседателке на комисијата, ве молам многу коректно, овде има правилник како функционира, овде не можете да правите по ваша желба, затоа што во овој случај правото е кај мене. Треба прво да ми ги обезбедите материјалите на албански јазик, а потоа да продолжите со седницата. Во спротивно, нека видат медиумите и граѓаните, како и овие почитувани дами тука, како може да се зборува за еднаквост кога отворено се врши психолошко насилство и понижување на албанските пратеници.“
За албанскиот јазик денес се случи расправија и во Собранието. 13-тата седница на Комисијата за еднакви можности за жени и мажи беше прекината откако опозициската пратеничка на АА, Илире Даути, рече дека се чувствува дискриминирано и нееднакво бидејќи материјалите за седницата не се подготвуваат на албански јазик.
„Ова значи дека седницата започнала без спроведување на Уставот и Законот за употреба на јазиците, додека тука се дискутира за стратегија, која во фокусот ги има дискриминацијата, психолошкото насилство, понижувањето и слично…“, вели Илире Даути.
Додека пратеничката Даути зборуваше, потпретседателката на комисијата Весна Ѓорѓиева се информираше преку мобилен телефон!
„Продолжуваме со седницата… Немате право на збор, не ви дадов право да зборувате! Ве молам, не ви дадов право на збор!“, рече Весна Ѓорѓиева.
Ѓорѓиева ја обвини Даути дека со ова однесување се обидува да добие политички поени.
„Не сакам да ги манипулирате овие луѓе кои дошле тука на оваа јавна дискусија за да стигнеме до заклучоци кои ќе ни помогнат на сите, а не да добиеме само политички поени…“, вели Весна Ѓорѓиева.
Пратеничката Даути не ја напушти говорницата, велејќи дека и министерот за социјална политика Фатмир Лимани го потпишал овој документ само на македонски јазик, а дури го обвинува и претседателот на Собранието Африм Гаши за непостапување во спроведување на употребата на албанскиот јазик во оваа комисија. За да се заврши расправата, потпретседателката Ѓорѓиева побара пауза за да се отпечатат материјалите на албански јазик и да им се достават на албанските пратеници.
