Кризната состојба поради можноста од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати во Македонија треба да продолжи уште шест месеци, односно до 20 април 2027 година. Предлог-одлуката за продолжување на рокот денеска доби поддршка од собраниската Комисија за одбрана и безбедност и е упатена на натамошна постапка во Собранието.
Образложение пред членовите на Комисијата даде министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој посочи дека предложената измена се однесува исклучиво на продолжување на периодот за кој важи кризната состојба.
„Фактички, со оваа одлука, зборовите ‘до 20 октомври 2026’ се заменуваат со зборовите ‘до 20 април 2027 година’“, појасни Мисајловски.
Со измената, наместо до 20 октомври годинава, кризната состојба би продолжила да важи до 20 април следната година.
Предлог-одлуката сега треба да ја помине натамошната собраниска постапка, по што ќе биде познато дали продолжувањето на кризната состојба ќе биде официјално одобрено.
