Од утре, граѓаните ќе треба да бидат особено внимателни при преминување на пешачки премини. Казна од 40 евра ќе добиат оние кои за време на преминувањето на улица користат мобилен телефон или слушалки. Според измените во Законот за безбедност во сообраќајот, кои стапуваат на сила на 26 септември, воведени се нови правила за користење телефони и слушалки од страна на пешаци, велосипедисти и корисници на електрични тротинети.
„Во ред е, ама не знам како ќе се спроведе!“
„Мислам дека треба да се почитуваат правилата бидејќи се случуваат многу несреќи кога се зборува на телефон додека се вози.“
„Се согласувам, треба да има казни и за пешаците и за другите учесници во сообраќајот.“
„Знаеш ли дека најголемите несреќи се случуваат поради користење на телефон – и од возачи и од пешаци?“
„И едните и другите, ама повеќе возачите, бидејќи зборуваат на телефон и не се сконцентрирани.“
„Од перспектива на пешак: тие што возат гледаат во телефон, пушат цигари или прават нешто друго што не треба.
Од перспектива на велосипедист: ми пречи што нема доволно велосипедски патеки, а и таму каде што има – се движат мотори и други возила што не би требало да се таму.“
Од МВР апелираат граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, бидејќи ќе има засилени акции со нулта толеранција кон прекршувањата кои можат да предизвикаат фатални последици.
Измените на Законот за безбедност на патниот сообраќај, објавени во Службен весник пред една недела, стапуваат на сила од утре – изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреев.
„Одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност во патниот сообраќај, кои се однесуваат на казни за велосипедисти, мопеди, мотоцикли и електрични тротинети при користење електронски уреди (слушалки, телефони, таблети итн.), како и казните за пешаци кои користат вакви уреди при преминување улица или велосипедска патека, ќе стапат во сила на осмиот ден од денот на објавување во Службен весник на Република Северна Македонија.“, вели портпаролот на МВР
Според законските измени, од Нова година казните за возачите кои поминуваат на црвено светло или неправилно паркираат ќе бидат построги и ќе се регистрираат преку камерите од системот „Safe City“. А од 1 јануари 2026, системот на блиц-радари ќе „ловат“ пречекорување на брзината, а казните ќе се испраќаат на домашна адреса.
