Државјанин на Србија е казнет со вкупно 3.000 евра, откако во два наврати бил фатен како управува возило со повеќе од двојно поголема брзина од дозволената на автопатот А1, соопшти Основното јавно обвинителство Кавадарци.
Станува збор за 34-годишниот Д.П., кој добил две парични казни од по 1.500 евра за кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
Тој бил запрен на 29 август во 23:20 часот, на граничниот премин Табановце, додека се обидувал да ја напушти земјава. При полициската контрола на возилото „Шкода“ со српски регистарски таблички, преку системот „Безбеден град“ било утврдено дека претходно, во два наврати, бил регистриран како вози со исклучително висока брзина.
На 22 јули, во близина на Демир Капија, Д.П. управувал со брзина од 163 километри на час, додека на 20 август, на истиот патен правец, бил регистриран со брзина од 169 километри на час. Во двата случаи ограничувањето на брзината било 80 километри на час.
По запирањето, лицето било спроведено во Полициската станица во Неготино за понатамошна постапка.
