Општина Тетово ги даде должниците на извршители – граѓаните збунети, не знаат зошто им се блокирани сметките

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од вчера, Општина Тетово ги блокираше сметките на физичките и правните лица кои не ги подмириле обврските кон општината.

Во канцеларијата за данок на имот сретнавме неколку граѓани, но повеќето не прифатија да зборуваат пред камера. Еден од нив ни кажа дека сметката му е блокирана, но не знае од кого.

„Блокиран сум, но не знам од кого и зошто“.

Од Општина Тетово велат дека сметките се блокирани на сите физички и правни лица кои не ги подмириле обврските до 2025 година. Според Нуредин Деари од Секторот за финансии, долгот на граѓаните кон општината изнесува околу 300 милиони денари, а со оваа постапка околу 150 милиони денари се предадени на извршителите.

„По повиците и доставувањето на решенијата за извршување, сега започна и реализацијата, ефектот е задоволителен. Блокирањата се направени за компании, компании кои не ги платиле таксите за фирма и за физичките лица кои не го платиле данокот на имот до 2025 година. Вкупниот износ е над 300 милиони денари, по сите обврски што ги имаат компаниите и граѓаните, физичките лица. Но, во постапка, во постапка сега се некаде околу 150 милиони денари“, вели Нуредин Деари.

Општина Тетово пред еден месец објави известување до сите граѓани и правни лица да ги подмират обврските кон Општина Тетово, во спротивно ќе започне со мерката извршување, постапка која од вчера започна да се спроведува.