Истече мерката Гарантирана цена која важеше за основните прехранбени производи, како лебот, млечните производи, некои месни производи, освежителни пијалаци и пивото.
Од состојбата што ја видовме на терен, во очи паѓа дека во неколку маркети имаше поставено нови цени а во други се уште стоеше гарантирана цена.
Граѓаните не се задоволни од тоа што мерката истече, бидејќи според нив, трговците ги поставуваат цените како што сакаат.
Директорот на Пазарниот инспекторат, Горан Трајковски упати апел до трговците за социјална одговорност, доколку се во можност да ги остават цените непроменети. Исто така додаде дека Пазарниот инспекторат ќе врши контроли дали се почитува законот за трговија и законот за заштита на потрошувачите.
Заедно со мерката „гарантирана цена“ истече и владината одлука за намалување на увозните давачки за зеленчук. Институциите предупредија на зајакнување на контролите за да интервенираат во случај на драстично поскапување на производите, со оглед на тоа што законот за нелојална трговска практика, со кој се очекува да се амортизира состојбата, се уште не е усвоен.
