Комисијата за финансии и буџет одобри со 10 гласа „за“ организирање јавна дебата за Законот за игрите на среќа и забавните игри, без ниту еден глас против или воздржан.
Одлуката е донесена по три поднесени барања од пратеничката група на СДСМ, асоцијацијата АПИС и претставници на индустријата за игри на среќа во рамки на Стопанската комора.
Асоцијацијата АПИС ја поздрави одлуката за јавна дебата, нагласувајќи дека за првпат на секторот му се дава можност со експертиза да придонесе во изработката на законот.
Тие оценуваат дека досега индустријата не била доволно вклучена во процесот, иако, како што наведуваат, се применува еден од најстрогите закони во регионот и имаат директно искуство во оваа област.
Според актуелниот предлог-закон, се предвидуваат строги ограничувања за рекламирање на игрите на среќа, вклучително забрана за промоции кои ги прикажуваат како пат до финансиски успех, како и забрана за користење јавни личности и таргетирање на малолетници.
Исто така, објектите за игри на среќа треба да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, а во оваа зона е забрането поставување електронски уреди за игри на среќа.
