Ќе има ли чочек за дочек?! Празниците ризик за ширење на Ковид-19, состанок за нови мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Помалку од три недели не делат од најлудата ноќ, кога ја испраќаме старата и дочекуваме новата година. Во главниот град, веќе се чувствува новогодишната атмосфера. На плоштадот „Македонија“ саботниот викенд ден го искористија голем број граѓани за прошетка.

Малкумина имаа храброст да застанат пред камера и да зборуваат за 2020, но и за новата 2021 година.

Сите кои ги анкетиравме велат дека новата година ќе ја дочекаат во домашни услови. Различно од претходните години.

„Не знам немам определено се уште каде, дома најверојатно“

„Дома дома“

Каде ќе ја дочекате новата година? – Па најверојатно дома. Поразлично од претходните години, тоа е.

Дома ќе ја дочекате новата година?
-Дома
Поразилчно од претходните години?
-Па, да

-Дома да
Поразлично од претходните години?
-Не знам ништо

Претстојните празници се ризик од нов бран на коронавирус. Па од понеделник ќе се разговара дали има потреба од донесување на нови рестриктивни мерки.

Директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р. Милена Стевановиќ вели дека во овој момент воопшто не ни се потребни ризици од типот на прослави на Нова Година.

„На Клиниката за инфективни болести во секое време имаме пациенти во тешка состојба, болничките кревети се максимално пополнети. Така што јас велам, ќе прогласиме ден Д-Нова Година кога ќе го пребродиме ова. Не мора прославата да се организира на 31.декември.“, вели Стевановиќ.

ТВ21 вчера објави дека на големо се бараат станови, викендици за прослава на најлудата ноќ, иако од Министерството за внатрешни работи рекоа дека веќе имаат индиции и ќе спроведуваат контроли врз таквите огласи.

Од понеделник ќе заседава Комисијата за заразни болести и ќе ја разгледа епидемиолошката состојба, а потоа можно е и препорачување на нови рестриктивни мерки.

Моментално, без PCR тест може да се патува и кај соседните земји Србија и Косово, додека забраната кон Грција останува, а за влез во Бугарија треба негативен PCR тест.