Мумин Исмаили ја загуби мајка си во пожарот кој избувна во модуларната болница во Тетово. Откако стана јасно дека е поднесено обвинение за три лица и една компанија, тој не очекува фер судење за овој случај.
„Мислам дека судењето нема да помине како што треба. Досега ништо не е расветлено во случајот со модуларната болница, иако поминаа скоро 10 месеци, поминаа 11 месеци од случајот. Нема фер судење, но чекаме и не губиме надеж дека ќе има правично судење“, вели Мумин Исмаили.
Мумин вели дека правдата ќе ја бараат и во Стразбур.
„Нема да се откажеме, ако треба ќе одиме дури и до судот во Стразбур. Во Стразбур во Судот за човекови права ќе ги изнесеме нашите жалби дека нашите најсакани изгореа, особено јас што ја загубив мајка ми додека ја држев в раце. Но, ќе видиме како ќе тече судењето. Ќе видиме кој ќе ја преземе одговорноста, мора да има одговорност за ова“, посочи Мумин Исмаили.
Тој 28 дена се грижел за мајка му во болница. Вели дека имало само четири лица кои се грижеле за 36 пациенти.
„За виновниците, не можам да обвинам кој ќе биде виновен, треба институции тоа да го дознаат, но мислам дека треба да бидат повеќе луѓе. Треба и оној кој го направи свеченото отворање. Да се види дали има услови за отворање на болницата. Јас бев во болница 28 дена, нема услови за лекување од пандемија. Првиот недостаток беше медицинскиот персонал. Јас бев 28 дена, имаше шест соби со шест легла, а четири медицински екипи. И кажи ми по твоја логика – дали четворица доктори можат да лекуваат 36 пациенти кога секој пациент во секоја секунда има потреба од третман!?“, додава Мумин Исмаили.
Инаку за случајот е поднесено и обвинение против една институција и три физички лица.
ТВ21 дознава дека обвинителниот акт во Судот во Тетово пристигнал в недела, кога всушност почнаа и одморите, а на 16 август се очекува на предметот да му биде доделен судија, а потоа да се закаже и првото рочиште. Во трагедијата во модуларната болница во Тетово животот го загубија 14 лица, 13 пациенти и еден член на семејство.
