Пред стартот на грејната сезона, градоначалниците во многу општини во земјава, на сите можни начини се обидуваат да обезбедат греење во училиштата за зимските месеци. Поради високата цена на електричната енергија, но и најавеното дополнително поскапување општините во паника како ќе обезбедат топли училници.
Градоначалникот на скопската општина Карпош Стевче Јакимовски вели дека греењето во училиштата и градинките во неговата општина е се уште неизвесно бидејќи се уште нема фирма која ќе испорачува струја за греење. Единствено решение е вели тој, да се вратат на ЕВН Хоум, каде што ќе биде гарантирана испораката на електрична енергија.
„Одговорно тврдам дека никој не е подготвен, затоа што која ќе биде цената на електричната енергија и цената на топлинската енергија е голема непознаница. Не гледам потези повлечени од надлежни институции за овој проблем да го решиме. Општина Карпош по втор пат објавува јавен тендер за снабдувач со електрична енергија, по втор пат не се јавува никој затоа што тие што би не снабдувале не се сигурни дека поради енормно високите цени на електричната енергија може да дојде до неплаќање на сметките“, вели Стевче Јакимовски.
Со најавената енергетска криза, но и лошата финансиска состојба поради малите блок дотации голем дел од општините низ земјава се свртуваат кон греење со дрва. Голем дел од нив велат дека побарале помош од Владата, но засега одговор немаат.
„Се подготвуваме, работиме според утврден план и имаме сериозни потешкотии и очекуваме секако и поддршка од централните институции и верувам дека сите заедно ќе успееме да обезбедиме услови да можат децата да имаат нормален образовен процес. Во општина Босилово речиси 80 проценти од училиштата се загреваат на дрва а додека дел има на нафта и на пелети“, додава Ристо Манчев.
„Планираме да се загреваме на дрва и веќе распишуваме тендери за набавка на огревно дрво и пренамена од котлите што ни беа на нафта постојните да ги префрлиме да греат на дрва. Со оглед на цената на дрвата имаме доволно средства за да ги набавиме дрвата, додека ако останевме како што бевме до минатата година со нафта ќе беше сериозен проблем“, вели Горан Стојановски.
И покрај проблемите и неизвесноста со загревањето на училиштата, за градоначалниците не е опција во он-лајн настава. Велат учениците доволно штети во образованието претрпеа во текот на пандемијата со корона вирусот и сметаат дека Министерството за образование треба да размисли за продолжување на зимскиот одмор од најмалку еден месец.
