Ќе има ли нова средба на партиите? – ВМРО-ДПМНЕ: Ако нема корекции, нема потреба од нова средба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали уште на самиот почеток пропадна обидот да се усогласат партиите по заклучоците на францускиот предлог.

По вчерашната прва рунда преговори на работната група што траеше нешто повеќе од 3 часа од која немаше никаков исход, денеска нема најави ниту пак некаква иницијатива за повторно да се сретнат.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа со свои барања меѓу кои да нема можност за унилатерални декларации на Бугарија и Македонија, исполнувањето на Договорот со Бугарија да не биде услов во годишните извештаи за напредокот и мерките, како и тоа уставните промени да не бидат услов за почеток на Втора меѓувладина конференција.

Антонио Милошоски вели дека би дошле на повторна средба доколку има согласност за корекции на францускиот предлог. Тој ги повторни нивните барања.

„Ова се шесте суштински забелешки кои што ние сметаме дека власта треба да ги прифати и сите заеднички да направиме напор за корекција на оваа предлог преговарачка рамка којашто не е конечен до моментот додека не го прифати и Република Македонија. И доколку СДСМ и ДУИ немаат намера да ги прифатат или сериозно да ги вклопат овие суштински забелешки во француската преговарачка рамка тогаш не гледаме смисла во понатамошни разговори за кои што би дискутирале за козметички заклучоци за внатрешна употреба“, посочи Антонио Милошоски.

Вицепремиерот за политички систем Артан Груби очекува деновиве за францускиот предлог, заедно со билатералниот Протокол со Бугарија и другите придружни документи да се произнесе парламентот.  Ни треба ставот од Собранието за сите тие документи, рече Груби. Повтори дека Протоколот не е дел од Преговарачката рамка, и дека, не се задира во македонскиот идентитет и јазик.

„Владата нема да одлучи по однос на овие прашања по однос на овие документи, без тие документи да дојдат во Собранието да се усогласат и Собранието да ја задолжи Владата да постапува по однос на тие документи. Тоа е процес на дијалог помеѓу политичките партии и сите треба да бидеме реалисти во тоа што може да промениме а што не може да промениме, но ние знаеме што можеме ние да направиме. А ние немаме никакви дилеми како што има опозицијата, ние сме многу сигурни во себе си, ние знаеме дека Македонците нема да се асимилираат“, вели Артан Груби.

Партиите членови на Работната група која требаше да расправа по заклучоците за францускиот предлог по вчерашната средба најавија дека деновиве повторно ќе се сретнат, но досега нема таква најава.