Ќе имаме ли избори со отпечаток од прст?! – Пари има, но дали терминалите ќе се обезбедат на време

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се стигне ли со набавката и поврзувањето на терминалите за отпечатоци за локалните избори? Откако министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека пари од Буџетот  ќе има премиерот Зоран Заев го повика првиот човек на Државната изборна комисија Александар Даштевски што е можно побрзо да ја започне процедурата за нивната набавка. Ова решение е законска обврска и таа мора да се исполни порача тој.

„Ќе направам се да набавиме и тоа е што зависи од нас. Министерот за финансии реагираше конкретно, пари од буџетот има, ако дофалат ребаланс имаме, секако да тоа се направи дадовме писмено од страна на финансиите за да може претседателот на ДИК и целото ДИК веднаш да влезат во постапка на набавка на апаратите за фингерпринт, односно отпечаток на прст.Верувам има современи европски технологии и тоа може брзо да се направи, имаме јасни постапки во државата, до изборите имаме околу 8 месеци за кои што можеме да стигнеме. Апелирам ДИК брзо да влезе во таквата постапка“, истакна Зоран Заев.  

Шефот на опозицијата Христијан Мицкоски вели дека не е доволно тоа што премиерот повикал да се набават инструментите, туку треба целосна заложба за да се обезбедат сите потребни средства.

„Еве велиме дека ги има средствата министерот за финансии и тие средства ќе му бидат ставени на располагање на составот на Државната изборна комисија, тогаш ајде да ги повикаме и сите државни органи кои што се посредно или непосредно дел од оваа постапка вклучени да и помогнат на Државната изборна комисија како што е Министерството за внатрешни работи. Не гледам зошто ние сега на 7 месеци пред отпочнување официјален старт на кампањата да не го затвориме овој процес“, посочи Христијан Мицкоски.

Како што дознава ТВ21 токму деновиве Даштевски е на средби во Министерството за внатрешни работи каде разговара околу утврдување на начинот на функционирање на таканаречените фингерпринтови, односно поврзувањето со базата на МВР.

Инаку, доколку до локалните избори не бидат набавени терминалите за отпечаток од прст и доколку изборите не бидат одржани со овој принцип, ВМРО-ДПМНЕ сериозно размислува да ги бојкотира изборите, односно да не учествува. Ваквата одлука ја оправдуваат со тоа што сметаат дека власта подготвува фалсификат, односно не сакаат да им бидат покрадени гласовите како на последните парламентарни избори.