Ќе поминат ли „Цар Борис“ и „Ванчо Михајлов“ со новиот закон? – Тупанчевски: Законот за здруженија нема да биде ретроактивен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измените на Законот за здруженија за кој има консензус од власта ќе ги амортизираат постојните проблеми со формирањето на бугарските клубови со контроверзни имиња, изјави министерот за правда Никола Тупанчевски. Тој потсети дека министерството подготвува нов закон за здруженија во кој доколку е прифатливо решението од опозицијата ќе биде вградено во законското решение.

„Секое добро решение ќе биде прифатено, без разлика дали се работи за опозиција или позиција, ако предлогот е добар и конструктивен ќе биде прифатен. Зависи какви ќе бидат измените, има одредени амандмани, ќе треба попрецизно да се уредат и она што се нарекува правна празнина да биде пополнета. Во таа насока точно ќе се знае кое тело со какви надлежности ќе биде и во кое време треба да постапи“, порача Никола Тупанчевски.

Тупанчевски не сакаше да прецизира дали овој закон ќе предвидува преименување на веќе формираните бугарски клубови Ванчо Михајлов и Цар Борис, како што тоа е предвидено во измените кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ.

„Легалистички гледано, одредбите не треба да се применуваат ретроактивно, меѓутоа доколку се констатира дека има одредени неправилност или дека има одредена активност која што не е во согласност со законот, има и други институции кои имаат можност да постапуваат“, додаде Никола Тупанчевски.

И додека во земјава се отвораат бугарски клубови со имиња на контроверзни личности, се позачестени се и навредите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој последната изјава ја даде пред карта на голема Бугарија. На ова следеше и реакција од македонското МНР при што од бугарска страна стигна и одговор во кој тие практично се оградија од изјавата на Џамбаски, но не пропуштија да наведат дека провокации доаѓале од македонска страна.

„МНР повторува дека се апсолутно неприфатливи какви било јавни изјави со кои се навредува или провоцира другата страна. Тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и обидите да се претстават како такви се неточни и знак на лоша волја. Независно од бројните провокации против Бугарија и особено кон Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, таквиот говор го сметаме за неприфатлив и крајно контрапродуктивен“, посочија од МНР на Бугарија.

Инаку, деновиве во Благоевград не беше дозволено формирање на македонскиот клуб со името на Никола Вапцаров откако во забраната македонскиот преродбеник го нарече Бугарин, а  го негираше и постоењето на македонскиот народ.