Народната банка во обид да ја заузда инфлацијата ја затегнува монетарната политика.. Ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поенти, и таа сега изнесува 4,25%. Таа е сигнал до банките за и тие ги зголемат каматите. Гувернерот, Славески уверува дека веднаш нема да се почувствуваат последиците, а одлуката за колку ќе се покачат каматите на кредитите и на депозитите е во рацете на деловните банки.
-Од почетокот на годината беше забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што услови поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар. Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици, изјави Трајко Славески, Гувернер на Народната банка.
Рече дека иако очекувањата на потрошувачите за растот на цените во следниот период се поумерени во споредба со претходниот месец, ризиците за инфлацијата претежно се во нагорна насока. „Подобро повисоки каматни стапки, отколку зголемување на инфлацијата“ – дециден е Славески.
Дека парите ќе поскапат и банките ќе го следат сигналот од Народната банка за покачување на каматите и смирување на побарувачката за кредити, кажа и универзитетскиот професор Владимир Филиповски во емисијата Бизнис 21.
-Тоа ќе значи повисоки каматни стапки бидејќи ако еве на пример референтната стапка на централната банка се покачи, банките ќе го следат тој, се разбира не она еден за еден процентен поен, меѓутоа ќе ги следат тие сигнали. Бидејќи тоа е всушност сигнал кој го праќа централната банка, изјави Владимир Филиповски, универзитетски професор.
Инаку потегот на Народната банка, доаѓа по одлуката на Европската централна банка да ја зголеми референтната камата прв пат по 2023 година.
По јавната дебата пак со министерката за финансии Кочоска дали и кој може да делува на банкарските провизии, откако дел од банките најавија дека ќе ги зголемат, Славески останува на ставот дека не е време за нивно зголемување, затоа што приходите на банките биле стабилни. Најави дека се разговара за можно законско решение со кое дел од банкарските услуги би биле бесплатни, по примерот на Хрватска.
