Нема промени со квалитетот на водата во Гостивар која што и натаму е бактериолошки неисправна и не може да се користи за пиење, туку само како техничка вода. Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување и шеф на Кризниот штаб Стојанче Ангелов сепак вели дека анализите покажуваат дека има подобрување, но за сега се уште тоа не е доволно.
„Состојбата со водата во Гостивар е значително подобрена, последните наоди се значително подобри во однос на претходните, но потребно е време за истата да биде прогласена за чиста за пиење. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе го направи тоа тогаш кога водата ќе биде и хемиски и бактериолошки исправна за пиење“, рече Ангелов.
Состојбата со пациенти кои побарале помош поради болки во стомакот и дијареја и натаму има. Иако бројот е значително намален, сепак и натаму во гостиварската болница доаѓаат лица со симптоми на затруеност. Директорот на болницата Емри Бајрами вели дека дел од пациентите имаат сезонски вирус.
„Имаме прилично значително намалување на бројот на пациенти. Во меѓувреме, на инфективното одделение имаме само два хоспитализирани случаи, со благи симптоми. Ова сега може да се поврзе и со сезонските вирози, бидејќи и во другите години имало вакви случаи. Сепак, билансот не е поголем од претходните години“, изјави Емри Бајрами, директор на Болницата во Гостивар.
За случајот со труењето на гостиварци со загадената вода со фекалии од СДСМ го повикаа државниот обвинител Ненад Савески посериозно да се позанимава со овој случај. Повеќе од еден месец гостиварци се без вода откако излегоа во јавност првичните информации за загадувањето но досега Обвинителството не презело ништо велат од опозициската партија.
„За Гостивар има папка со факти. Савески кога ќе се врати од екскурзија да постапи веднаш. Министерот за здравство Клековски конечно прозборе, призна дека во водата во Гостивар имало многу различни бактерии и вируси. Поминаа 4 недели и никој не одговара за труењето со вода во Гостивар. Граѓаните чекаат, а Обвинителството се уште молчи“, рече Наташа Поповиќ.
Вчера и министерот за здравство Сашо Клековски рече дека случајот со загадената вода за пиење во Гостивар предизвика најголема епидемија со над 4.000 пријавени заболени. Во однос на анализите на водата кои биле вршени до сега, тој истакна дека биле утврдени повеќе различни бактерии и вируси, а наодите се разликувале зависно од локацијата на земените примероци. Според него фокусот сега треба да се насочи на следење на хепатит кој може да се јави кај затруените граѓани.
