Ќе се отстранува бетонскиот ѕид во Чаир, ќе се прошири улицата, ќе се уриваат околни објекти

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бетонските банкини се поставија за регулирање на сообраќајот на улицата Цветан Димов во Чиар, но глетката не е баш пријатна, а со тоа се согласува и градоначалникот на Чаир.

„Никогаш не сум рекол дека е добро решение, не е решение кое дава добар изглед.“.

Денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов заедно со градоначалникот на Чаир презентираа нов проект за решавање на секојдневните гужви на оваа улица. Според нив, се планира оваа улица да стане булевар со 6 коловозни ленти. Но за да се реализира такво нешто треба да се прошири улицата и да се урнат објектите кои се во близина на улицата.

Иако се на крајот на мандатот, велат дека работите ќе започнат идната година.

„Со работите, очекуваме следната година да започнеме и според направената анализа, две до три години ќе ни требаат за да биде пуштена.“, вели Ганиу.

Екс градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски реагираше на социјалните мрежи. Тој вели дека Петре Шилегов прави проекти кои треба да се градат неколку години и кои ќе треба да ги плаќа идниот градоначалник.

„Петре добро утро,помина денот тоест мандатот, веќе е зајдисонце и крај на мандатот.

На неколку месеци пред избори панично започнуваш проекти кои ќе се градат повеќе  години и треба да ги плаќа идниот градоначалник а тоа нема да бидеш ти.

Сето ова го правиш само за да ја смениш сликата за себе од неработник сакаш со неколку сликање,две три изјави и разни ПР трикови да станеш работник“, напиша Трајановски.

На овој булевар се предвидува да има и велосипедска патека и зеленило, а ширината на булеварот ќе изнесува 22 метри. Целиот проект според градоначалникот Шилегов би чинел 6 до 6.5 милиони евра.