Општина Тетово преку општинскиот инспекторат ќе ги отстрани сите гаражи и киосци кои се наоѓаат на јавни места. Според првиот човек на општинскиот градежен инспекторат, Абдиљгани Алији, целта е да се ослободат јавните површини. Тој рече дека граѓаните имаат рок од 7 дена сами да ги отстранат.
„Градежниот инспекторат започна со известување на раѓани кои имаат гаражи или киосци без дозвола да почнат да ги отстрануваат во рок од седум дена, во спротивно општинскиот инспекторат ќе пристапи кон отстранување на истите, кои не поседуваат никаков вид документација, додека граѓаните кои ги поставиле без дозвола трошоците сами ќе ги сносат“, вели Абдилгани Алији.
Граѓаните кои ги анкетиравме во близина на овие гаражи велат дека секоја зграда ќе треба да има паркинг простор, а тие се ЗА отстранување на гаражите без дозвола.
„Без дозвола општината треба да ги отстрани сите“.
На ова место порано имало гаражи, но сега со години се користи како станбен паркинг. Во повеќето случаи, иако граѓаните имаат гаражи, тие сè уште ги паркираат своите автомобили надвор додека гаражите ги користат како место за чување на работна опрема. Според неофицијални податоци, со отстранувањето на овие гаражи ќе се ослободат над 3.200 паркинг места.
