Ќе се вратат ли парите на граѓаните за пасошите? – Оние со стари пасоши кои се во странство по 12 февруари да се обратат до МНР

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем број граѓани ќе останат без пасоши, бидејќи рокот за промена на патните исправи со новото име истекува за нешто повеќе од една недела.  Иако упорно чекаат пред шалтерите и натаму тешко се стигнува да се поднесе барање за нови документи, а оние кои успеале во тоа, повторно треба да чекаат со месеци за да ги подигнат. Дополнително се револтирани и поради тоа што имаат пасоши извадени пред две години кога веќе беше усвоен Договорот но тогаш МВР не издаваше пасоши со новото име, па сега тие треба повторно да плаќаат. Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека на овие граѓани треба да им се вратат парите.

„Тоа што сум задоволен е што новиот премиер на првата седница веднаш формираше работна група за да се изнаоѓа решенија. Решенија кои што, неколку сценарија се развија од можноста државата да компензира за тие кои што имаат важечки пасош а заради договорот треба да ги сменат до можноста за реорганизирање на службите“, додаде Бујар Османи.

Од Грција веќе ги информирале сите земји дека пасошот со името Република Македонија од 12 февруари ќе биде неважечки. Но што се оние кои по 12 февруари ќе бидат надвор од државата а се со непроменети пасоши. Османи вели дека тие ќе треба да се обратат до МНР и амбасадите.

„Треба да бидат во комуникација со дипломатско-конзуларните претставништва, има 24-часовен телефон во Министерството за надворешни работи, дежурна екипа во Министерството која што ги прифаќа тие телефонски повици, нека се јават на тој број, ние ќе ги упатиме ќе им кажеме што треба да направат“, вели Бујар Османи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојано критикуваше за хаосот кој се создаде со пасошите. Миле Лефков од оваа партија директно го посочи екс министерот Оливер Спасовски за виновен за ваквата состојба.

„Тој е издавач на документите во кои што вели, еве мојата возачка исправа вели – издавач Министерство за внатрешни работи ми ја издаваат 2020-та и вели рок на траење до 2030-та. Тој сам го напиша рокот на траење во моментот на издавање не ги знаел овие законски обврски? Ги знаел. Возачката ми е обновена 2020-та, самиот издавач пишува дека е валидна до 2030-та и сега имате лице?“, вели Миле Лефков.

Покрај пасошите, од 12 февруари граѓаните треба да ги сменат своите документи како што се личната карта, возачката дозвола, а согласно Преспанскиот договор на регистарските таблички наместо МК треба да се стави налепница со НМК која, како што вчера МВР информираше, ќе биде бесплатна и сопствениците на возилата само ќе треба да ги подигнат од пунктовите за технички преглед.