Во Канцеларијата на Европската Унија во Северна Македонија проектот за канализациската мрежа од Зајас до Кичево се води како завршен во 2024 година, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, за време на неговата посета на оваа општина. Без да навлегува во детали, тој рече дека треба да се одржи технички состанок за да се утврди дали постои можност за рефинансирање на проектот.
„Треба да се одржи технички состанок за да видиме како може да се реши овој проблем, бидејќи според нашите податоци како Европска Унија, овој проект е завршен во 2024 година. Сепак, она што можам да го кажам е дека секогаш постои можност за финансирање и рефинансирање на ваков проект. Се надевам дека градоначалникот во наредните месеци ќе може конкретно да одговори до каде е реализацијата на проектот“, изјави Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во РСМ.
Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, изјави дека добил ветување од Владата дека проектот ќе биде завршен.
„Овој проблем ги загрижува сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. Имаме проблеми во Зајас, имаме проблеми во Другово и во околината на градот. Со помош на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот добив ветување дека овој проблем ќе го решиме што е можно побрзо“, изјави Александар Јовановски, градоначалник на општина Кичево.
Да потсетиме, канализациската мрежа од Зајас до Другово требаше да биде завршена во 2024 година и беше финансирана со средства од Европската Унија. Сепак, работите беа прекинати откако компанијата и банката од Азербејџан, кои го добија тендерот, банкротираа, по што целиот проект беше блокиран.
