Ќе возиме ли со поевтин бензин и дизел? Сите показатели укажуваат за пад на цените, но можни се изненадувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пазарот со суровата нафта во изминативе два месеца е исклучително нестабилен. По нагорните шокови кон крајот на јули, оваа недела, односно на почетокот на август имаше остар пад на цените на суровата нафта, по што во последниве два дена има мала нагорна корекција.

Аналитичарите кои ги следат движењата на светските берзи, велат дека е многу тешко да се даде прогноза како ќе се движат цените на суровата нафта, но засега се укажува дека не се очекува раст, туку дека ќе има стабилизирање на цената и пад наредната година.  

„Според најновите достапни анализи, Goldman Sachs очекува цената на суровата нафта во 2025 година да изнесува 64 долари по барел, а во 2026 година да падне на 56 долари. JP Morgan, од друга страна, прогнозира 66 долари за 2025 година и 58 долари за 2026 година. Додека Американската администрација за информација во област на енергетиката очекува просечната цена да биде под 70 долари од барел за 2025 година и повторно да падне на 58 долари за 2026 година. Нашите анализи се, усогласени со овие глобални проценки, упатуваат на тренд на намалување на цената на суровата нафта во следниот период.“, вели Марио Ѓорѓиев.

Овие очекувања за стабилизирање на цените се базираат на неколку показатели. Меѓу нив е најавата за зголемување на производството на сурова нафта од страна на членките на ОПЕК ПЛУС, пред се поради стабилизирање на економијата и очекувана нешто повисока побарувачка од транспортниот сектор. Но, ова ќе се компензира со други негативни фактори.

„Според нашите анализи, побарувачката засега не покажува експлозивен раст, додека најавената дополнителна понуда носи потенцијален ризик од надолен притисок врз цените на нафтата. Особено ако дојде до економско забавување на некој од големите потрошувачи како Кина или САД. Позитивниот аспект би бил тоа што евентуалната пониска цена на нафтата може да има стимулирачко влијание врз глобалната економска активност преку намалени трошоци за енергија и транспорт.“, vвели Марио Ѓорѓиев.

Според Ѓорѓиев, цената на нафтата од секогаш била чувствителна на геополитички настани, а во моментов има неколку спротивставени движења на пазарот. Од една страна, ОПЕК го зголемува производството, што значи поголема понуда и потенцијален притисок за намалување на цената на нафтата, но од друга страна, САД вршат притисок врз Индија да ги намали набавките од Русија, што може да пренасочи побарувачка и да создаде нагорен притисок врз цената. Дополнително, постои реален ризик новите царини што ги воведува САД да доведат до забавување на нивната економија, што би значело и помала побарувачка за нафта, што повторно би создало притисок за движење на цената надолу. Дополнително се од ова ќе се смени ако има евентуално примирје меѓу Русија и Украина.