Професорот Јове Кекеновски смета дека идејата Македонија привремено да влезе во таканаречена „втора лига“ на Европска Унија може да биде реална и практична опција за забрзување на европската интеграција на земјата.
Гостувајќи во емисијата Click Plus на ТВ21, Кекеновски истакна дека е подобро земјата да добие одреден статус и пристап до европските механизми, отколку да чека уште многу години без конкретен напредок.
„Сигурно е подобро да добиеме нешто отколку да чекаме со години, можеби и десет или петнаесет години. Јас ја прифаќам идејата што се слуша во кулоарите за таканаречената втора лига“, рече Кекеновски.
Според него, ваквиот модел би можел да биде корисен доколку се сфати како привремено решение, а не како трајна позиција за земјата.
„Тоа може да биде добра и сериозна идеја, но важно е членството во таа втора лига да не стане трајно. Треба да биде времено, со цел да имаме пристап до фондовите и ресурсите што ги нуди Европската Унија, додека во меѓувреме работиме на реформите“, нагласи Кекеновски.
Тој додаде дека Македонија мора да продолжи со напорите за подобрување на владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на администрацијата и состојбите во правосудството.
Кекеновски посочи дека идејата за ваков модел на интеграција во јавноста се поврзува и со иницијативи кои ги поддржуваат регионални лидери како Еди Рама и Александар Вучиќ, во рамки на иницијативата Отворен Балкан.
Според него, доколку постои политичка волја во Европската Унија, можно е релативно брзо да се донесе политичка одлука за ваков чекор, што би значело Македонија барем делумно да стане дел од европското семејство, додека паралелно продолжува со реформите потребни за полноправно членство.
