Кенијските атлетичари доминираа на годинашното 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, а победата во најдолгата дисциплина му припадна на Дерик Чеге Њороге.
Њороге ја мина маратонската патека од 42,195 километри за време од 2 часа, 12 минути и 56 секунди. Второто место го освои неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи, кој за победникот заостана за помалку од 30 секунди.
На третото место заврши македонскиот репрезентативец Дарио Ивановски со време од 2:13:49. Успешен настап имаше и Жан Тошев, кој маратонот го заврши на осмата позиција.
Во женска конкуренција, најбрза беше Долфин Кемунто Нијагака од Кенија. Втора и трета завршија нејзините сонароднички Кипкемои и Какури, додека четвртото место ѝ припадна на македонската атлетичарка Андријана Поп Арсова Рашиќ.
Кенијските натпреварувачи беа најуспешни и во полумаратонот на 21 километар.
Кај мажите победи Кенеди Роно со време од 1:05:27 час. Втор беше Киптум Кимаијо со 1:06:12, а трет Џон Куриа со резултат 1:07:00.
Во женска конкуренција, првото место го освои Валентајн Џебет со време од 1:13:16 час. Втора беше Чарен Чепквони со 1:15:10, а третата позиција ја освои Нанси Гитаига со 1:17:25.
