Новородено ждребе затекнато среде улица во Скопје, граѓанка го спасувала од коловозот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Невообичаена глетка утринава ги изненадила минувачите на улицата „Илинденска“ во Скопје, каде што новородено ждребе било затекнато на коловозот, непосредно по раѓањето. Покрај него биле кобилата и уште еден коњ.

За случајот сведочи скопјанката Билјана Николовска, која на социјалните мрежи објавила фотографија од животните. Според нејзиното сведоштво, таа се движела по улицата кога пред крајот на „Илинденска“ го забележала малото ждребе како лежи на патот, со плацентата покрај него.

Николовска вели дека застанала и го извлекла ждребето од коловозот, по што го преместила на тревната површина покрај патот.

„Никој да застане да помогне. Застанав, едвај го извлеков на тревата покрај патот, а идиотите подзастануваа и со мобилните снимаат“, напишала таа во објавата.

Таа наведува и дека побарала помош, но, според нејзиното сведоштво, никој од присутните не се вклучил.

На фотографијата што ја објавила се гледа новороденото ждребе како лежи на тревата покрај кобилата, непосредно по раѓањето.

Засега нема информации кој е сопственик на животните, ниту како кобилата се нашла на улицата во моментот кога се ождребила.