Ќерката на уапсената Македонка во Улцињ тврди: „Шарпланинецот прво го уби нашето куче и нè нападна нас“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќерката на македонската држајанка која беше уапсена во Улцињ под сомнение дека со автомобил прегази шарпланинец, излезе со своја верзија за инцидентот.

Таа за ТВ Сител изјави дека прегазувањето било заштитна реакција откако шарпланинецот, тежок над 50 килограми, влегол во нивниот апартман, го усмртил нивното мало куче од расата Ши-цу и се обидел да ги нападне неа и нејзиниот малолетен брат.

Според нејзините зборови, мајката го употребила возилото во обид да ги одбрани децата и зачува нивната безбедност. Таа додава дека сопственикот на шарпланинецот, заедно со група луѓе, подоцна им се заканувал пред нивниот смештај.

И покрај ова сведоштво, Основното државно обвинителство во Улцињ ѝ одреди 72-часовен притвор на Македонката, соопштувајќи дека таа е осомничена за кривично дело убивање и мачење животни.