Кичеец вратен во затворот во Струга – Пендаровски: Апсурдно, не сум видел затвореник да направи сообраќајка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Осудениот и затвореник Зоран Милески-Кичеец повторно вратен во затворот во Струга за отслужување на казната од три години. Одлуката ја донесе Основниот суд во Гостивар, кој му ја укина мерката притвор од 30 дена која му беше изречена за сообраќајната незгода што се случи пред една недела на патот Кичево-Гостивар.

-Постапено е по жалба на одбраната на осомничениот и истакнуваме дека одлуката е донесена во работно време и според законските рокови за решавање по жалба од 48 часа. Кичеец е осомничен дека ја предизвикал сообраќајната несреќа што се случи минатата сабота во која загина 34-годишен граѓанин на Гостивар-се вели во соопштението од Основен суд Гостивар.

Според Претседателот Стево Пендаровски изрекувањето мерка притвор за лице кое е осудено и е веќе во затвор, е апсурд. Тој во емисијата „360 Степени“ изрази чудење од одлуката на Обвинителството.

Првиот човек на државата вели дека никаде во светот нема слушнато затвореник да направи сообраќајка вон затворските простории.

Како што додава, многу работи треба да се истражат и разјаснат кога станува збор за случајот со Кичеец, а едно од нив се соопштенијата на официјалните институции. Вели дека не се знае кое е веродостојно – она во кое пишува дека има 30-дневен отпуст поради здравствени причини или пак, она во кое се вели дека неговата мајка има здравствени проблеми. Инаку, Кичеец е на издржување казна од три години за случајот „Рекет“.