Паузата на американската воена помош за Украина, воведена од претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изгледа како обид да се принуди Киев да капитулира пред условите на Русија, изјави денеска претседателот на Комисијата за надворешна политика на украинскиот парламент, Олександр Мережко.
„Сега да се запре помошта значи да му се помогне на рускиот претседател Владимир Путин. На прв поглед, ова изгледа многу лошо. Изгледа дека не принудува да капитулираме, што значи прифаќање на руските барања. Најважно е дека ова е психолошки удар, политички удар за Украина, тоа не му помага на нашиот морал“, изјави Мережко за Ројтерс.
Тој ја спореди паузата во помошта со Минхенскиот договор од 1938 година, кога нацистичка Германија доби дозвола да анектира дел од Чехословачка.
„Ова е полошо од Минхен, бидејќи барем таму не се обидоа да ја прикажат Чехословачка како агресор, туку овде се обидуваат да ја обвинат жртвата за агресија, а тоа е крајно опасно“, заклучи украинскиот пратеник.
Одлуката за прекин на помошта уследи по вербалната расправија со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа во петокот, кога Трамп го обвини Зеленски дека не е доволно благодарен за поддршката на Вашингтон во војната со Русија.
