Кина има 989 милиони активни корисници на интернет – Индија 639 милиони

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На крајот на 2020 година, Кина имала 989 милиони активни корисници на Интернет, според државната агенција Cina Internet Network Information Center (CNNIC)

Тоа е 85,4 милиони повеќе во однос на март 2020 година, непосредно откако земјата беше погодена од пандемијата на коронавирусот која ги принуди стотици милиони Кинези да поминуваат повеќе време во затворени простории, пренесува CNBC.

Илустрирајќи ја големината на кинеската популација на Интернет од скоро една милијарда луѓе, американската ТВ станица наведува дека Кина ја надминува проценетата бројка од 639 милиони индиски корисници на интернет за дури 350 милиони, што е повеќе од вкупното население на САД.

Извештајот на CNNIC исто така покажува дека, откако најлошата епидемија во Кина заврши во април, некои трендови на Интернет забавија, додека други не.

Според извештајот, во периодот од март 2020 година до крајот на годината, дури 72,15 милиони Кинези купиле повеќе преку Интернет, главно користејќи мобилен телефон, со што вкупниот број достигна 782 милиони.

Се зголеми и бројот на луѓе кои имале повеќе пари за трошење, како и на оние кои работат од дома.

Во извештајот се вели дека уделот на корисници на Интернет со месечен приход од најмалку 5.001 јуани (774 американски долари) се искачи на 29,3 проценти во декември, од 27,6 проценти во март.

Бројот на теле-работници е зголемен за 147 милиони од јуни, достигнувајќи 346 милиони до декември, што е околу една третина од корисниците на Интернет во земјата.