Кина претстави прототип на супербрз воз – ќе достигнува 620 километри на час

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Прототип на супербрз воз, наречен „супер куршум маглев“, кој достигнува максимална брзина од 620 километри на час, е произведен во Ченгду, главниот град на кинеската провинција Сечуан, објави кинеската новинска агенција Синхуа.

Тоа е прв воз од ваков вид кој ја користи високотемпературната суперспроводливост на маглев технологијата (магнетна левитација – нема контакт меѓу возот и шините, така што нема сила на триење), а целосно е проектиран и произведен во Кина.

Изработен е од лесни јаглеродни влакна, со предница во форма на куршум и технологија на високотемпературна суперспроводливост, а прототипот на овој воз е креиран да развива максимална брзина од 620 километри на час и веројатно е најбрзото копнено возило во светот, наведува Синхуа.

Професорот Хе Чуан изјави пред новинарите на презентацијата дека возот би можел да стане оперативен во следните три до десет години.