Нов бран на зарази регистриран во кинескиот град Нанџинг, кој веќе се проширил во 5 провинции и Пекинг. Ваквата состојба државните кинески медиуми ја нарекоа „најголема зараза по Вухан“. Речиси 200 луѓе се заразиле откако вирусот бил откриен на градскиот аеродром на 20 јули. Сите летови од аеродромот во Нанџинг ќе бидат откажани до 11 август, објави „Глобал тајмс“. Нанџинг ќе ги тестира сите граѓани, вклучувајќи ги и оние со краток престој.
„Инфекциите првично се откриени кај хигиеничарките на аеродромот, кои почнаа да се шират многу брзо меѓу нив. Социјалните активности, контактот и семејството и работните места доведоа до натамошно ширење на болеста“, вели Динг Џи.
Со цел заштита од новиот бран, Израел ќе почне да дава трета доза од анти-ковид вакцината за лицата над 60 години. Ова го објави премиерот Нафтали Бенет, кој рече дека третата доза прв ќе ја прими Претседателот на државата. Со ова, Израел е првата држава во светот која масовно нуди дополнителна доза, а оваа земја беше светски лидер во спроведувањето на вакцинацијата.
„Сакам да ве известам дека експертите при Министерството за здравство на Израел, официјално ја одобрија препораката за на граѓаните над 60 годишна возраст да им се даде трета доза на вакцината против Ковид-19. Одлуката се заснова на истражувања и анализи, но и поради ризикот од ширење на трет бран на делта сојот“, вели Нафтали Бенет.
Засега не се знае дали ваква пракса ќе се спроведува и кај нас. Запрашан на оваа тема на почетокот на месецов, министерот за здравство Венко Филипче, изјави дека сѐ уште нема потврдени податоци дали има потреба од треба доза анти-ковид вакцина. Инаку, во Македонија со две дози се имунизирале 380 илјади граѓани, а од септември се најавуваат рестриктивни мерки само за невакцинираните.
Од друга страна пак, интернет гигантите „Гугл“ и „Фејсбук“ најавија дека ќе бараат сите вработени да бидат вакцинирани против Ковид-19. Ова го објавија двете компании. Истовремено, тие ја продолжија до 18-ти октомври понудата за „хоум офис“ поради ширење на делта сојот на коронавирус.
