Македонската економија и годинава се очекува да продолжи со позитивен тренд, при што Владата проектира реален економски раст меѓу 3,5 и 4 проценти. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски при промоцијата на „Градскиот воз“.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека ваквите очекувања се особено значајни ако се има предвид економското опкружување, односно состојбата во Европската Унија, која е најголем трговски партнер на земјава.
Според премиерот, економијата на ЕУ во моментов бележи раст од помалку од еден процент, додека Македонија во изминатиот период успеала да одржи повисока стапка на раст.
Мицкоски потсети дека 2024 година е завршена со реален раст на БДП од 3 проценти, додека во 2025 година растот достигнал 3,5 проценти.
За 2026 година, покрај очекуваниот реален раст од 3,5 до 4 проценти, Владата предвидува и номинален раст на бруто домашниот производ од околу 8 проценти.
Премиерот нагласи дека економскиот раст треба да биде проследен со конкретни мерки и проекти кои ќе имаат директен ефект врз секојдневието на граѓаните.
Мицкоски порача дека Владата има обврска да ги решава проблемите со кои се соочуваат граѓаните и дека ќе продолжи со спроведувањето на економските политики и реализацијата на планираните проекти.
