Клековски, 21-виот министер кој ја ветува болницата во Кичево – средствата се одвоени, но се прават студии за објектот!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сашо Клековски е 21-виот министер за здравство кој доаѓа во Кичево и ветува новата болница. За разлика од другите, Клековски не даде конкретни ветувања и појасни дека овој проект не може да се реализира за кратко време, бидејќи за објектот кој е во изградба, како што рече, се прават студии дали може да се продолжи со работите или ќе се најде друга локација. За ова истражување, како што посочи, Министерството наскоро ќе има одговор.

Новинарката: Министерe, знаете ли дека 20 министри пред вас го ветиле истото?

„Знам, но јас морам да кажам дека за првпат работиме со конкретно финансирање, не сме во фаза на ветувања, туку сме во фаза на физибилити и проектирање. Значи, има пакет за финансирање од 195 милиони за да го финансираме завршувањето на Клиниката во Штип, реконструкцијата и новиот објект на Клиниката во Тетово и нов објект за Општата болница. Ние сме во комуникација, средствата ги имаме и разговараме за плановите. Тие се одвоени и тоа дава сигурност дека овојпат нема да бидат само празни ветувања.“, вели Сашо Клековски.

На денешната средба се разговараше за условите и функционирањето на сегашната болница. Болницата во Кичево работи во лоши услови и со недостиг на кадар во повеќе одделенија. Директорката вели дека направила неколку инвестиции, но недостигот на кадар ја отежнува работата.

„За краток период успеавме да обезбедиме целосна дигитализација на кабинетот за рендген, имаме нов дигитален рендген, нова дигитална мамографија, од страна на градоначалникот на Општина Кичево имаме донација на 3D ехо апарат и во моментот сме при крај на процесот на дигитализација на рендген апаратите, како и вклучување во процесот на скрининг на дојка на ниво на РСМ.“, вели Маја Цветановска Трајковска.

Новата болница во Кичево започнала да се гради во осумдесеттите години. Првата посета на министер за здравство била во 1998 година од Драган Даниловски, 13 години откако започнала изградбата. Од 1998 до 2015 година објектот останал во карабина-фаза, а во 2015 година, кога министер за здравство бил Никола Тодоров, повторно започнале ветувањата. До денешното ветување на Сашо Клековски поминале 21 министер.