Клековски: Ги зголемивме цените за основниот специјалистички и за интернистичкиот пакет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски денеска на средба со новинарите изјави дека повеќе од 10 години е одлучено да се зголемат цените за основниот специјалистички пакет, и за интернистички пакет.

Клековски појасни дека специјалистичкиот преглед досега беше 380 денари.

„Зголемувањето сега е на 720 денари“, изјави Клековски, и додава:

„Нето ефектот на оваа одлука за здравствените установи ќе биде околу милијарда денари на годишно ниво, 80 проценти во јавниот и 20 проценти во приватниот сектор, бидејќи имаме јавен и приватен специјалистички сектор. Интернистичкиот пакет е со помал ефект, ќе биде плус околу 340 милиони денари. Ќе има симболично зголемување на партиципацијата, и од 40 ќе изнесува 60 денари“, додаде директорот на Фондот за здравствено осигурување.

Клековски исто така рече дека матични лекари ќе бидат казнувани ако надминуваат квота.

„Го зголемивме вреднувањето на матичните лекари минатата година, и сега очекуваме и од нивна страна зголемена одговорност. Тоа значи дека ќе бидат казнувани ако се надминат квотите за препишување на антибиотици и анксиолитици. Сега само за тие две групи имаме ограничување за препишување“, рече Клековски кој додаде дека втората мерка која се планира е Е-рецепт, за кој вели дека во основа треба да обезбеди позадинска контрола на индикациите и дозирањето, бидејќи ние во основа имаме загуба и во несоодветно препишување, меѓутоа и несоодветно препишување во смисла на дозирање, издавање поголеми колични што се неопходни.