Здравствените институции продолжуваат со испитувањата за причината за зголемениот број граѓани со стомачни тегоби во Гостивар, откако повеќе од 1.000 лица во изминатите денови побарале медицинска помош.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја посети Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, каде се сретна со пациентите, медицинскиот персонал и раководството на установата. По посетата информираше дека најголемиот број случаи биле регистрирани во последните два дена.
Само во изминатите 24 часа во болницата биле примени 260 пациенти – 100 деца и 160 лица на Инфективниот оддел. Во моментот на посетата, на болничко лекување биле задржани седум пациенти на Детскиот оддел и 20 на Инфективниот оддел, додека останатите биле пуштени на домашно лекување.
„Сите пациенти имаат слична клиничка слика – дијареја, повраќање, кај дел од нив и покачена температура и дехидратација. Терапијата се спроведува со инфузии и симптоматски третман. Три деца се задржани на набљудување“, изјави Клековски.
Според министерот, првите случаи биле регистрирани во доцните вечерни часови на 13 јули, но не се исклучува можноста поединечни случаи да имало и претходно.
Најголемиот број заболени се од Гостивар, но симптоми имаат и жители од околните населени места, меѓу кои Вруток, Чегране, Чајле и Дебреште. Заболени има од сите возрасни категории, а најранливи се децата и лицата со хронични заболувања.
Во тек се анализи од страна на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје и Општата болница во Гостивар. Се испитуваат примероци од вода, крвни анализи и копрокултури, а водата се проверува хемиски, физички, бактериолошки и паразитолошки, вклучително и за можни присуства на тешки метали.
Клековски посочи дека досега се направени само 18 епидемиолошки анкети и дека е потребен поголем број примероци за да може да се утврди точниот причинител. Тој упати апел до граѓаните да соработуваат со епидемиолошките служби.
Според досегашните сознанија, храната неофицијално се исклучува како можен извор на заразата, но конечниот одговор ќе го дадат надлежните институции по завршувањето на анализите.
„Здравствените власти внимателно ја следат состојбата и гарантираат соодветен здравствен одговор за сите пациенти“, порача министерот за здравство.
