Клековски: По повеќе од една деценија е ажурирана листата на есенцијални лекови, ги следиме современите достигнувања во фармакотерапијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство, Сашо Клековски денеска одржа прес конференција заедно со шефот на канцеларијата на СЗО во земјава, Аким Али, и деканот на Фармацевтскиот факултет, проф.д-р Зоран Стерјев на која ги презентираа новините во ажурирањето на Листата на есенцијални лекови.

-По повеќе од една деценија, нашата држава има ажурирана и официјално објавена Листа на есенцијални лекови, базирана на современи стручни и јавно-здравствени принципи. Стручната ревизија беше спроведена во рамките на Националната платформа за лекови, со поддршка од Светската здравствена организација и со учество на релевантни национални институции и засегнати страни, а по финализирањето и усогласувањето со Секретаријатот за законодавство, Есенцијалната листа на лекови е објавена во Службен весник. Со ажурирањето на оваа листа се овозможува следење на современите достигнувања и препораки во фармакотерапијата, поголем фокус на лекови од приоритетно јавно-здравствено значење, поддршка на клиничкото одлучување и стандардизираното лекување, како и подобро планирање и управување со лековите, потенцираше министерот Клековски.

Тој посочи дека е особено значајно што за првпат Листата вклучува и лекови за контрацепција, како и лекови за никотинска заместителна терапија и со тоа дополнително се зајакнува улогата на превенцијата во здравствениот систем, а воедно испраќаме јасна порака дека здравствената политика треба не само да лекува болест, туку и активно да го штити и унапредува здравјето на населението.

Новата листа е систематизирана во 28 терапевтски области и содржи подетално дефинирани подгрупи, фармацевтски дозирани форми, јачини и начини на употреба. Во неа се вклучени современи терапевтски опции во повеќе области, меѓу кои заразни заболувања, ХИВ, вирусни хепатити, онкологија, неврологија, кардиологија, репродуктивно и перинатално здравје. 

-Паралелно со проширувањето, направена е и рационализација на постојниот состав на листата. Од листата од 2015 година се отстранети лекови кои повеќе не се определени како приоритетни во новиот терапевтски концепт, додека кај одредени лекови е извршена промена на активната супстанција, формулацијата или е предвидена соодветна терапевтска алтернатива. Според извршената споредба, идентификувани се 12 избришани и 193 новододадени лекови/активни супстанции, додаде министерот.

Воедно, тој ја нагласи дистинкцијата помеѓу Листата на есенцијални лекови и Позитивната листа на лекови и заклучи дека ажурирањето на Есенцијалната листа претставува значаен чекор кон посовремен, поправичен и поодржлив здравствен систем.